недеља, 23. јул 2017.

Повеќе исповед,Помалку Молитва

Сум се оддавал на блуд, разврат натопен со алкохол и опијати, сум ги гребел ноќите и дните додека крв не потече од нив, сум ја силувал сопствената душа убедувајќи се себеси дека е подобро да изгорам во грев отколку да го барам недостижниот мир во срцето, сум ги губел свеста и совеста до помрачување на умот, сум бегал од вистината јавајќи на лагата, сум го извалкал образот по кој сум создаден за љубов, а не за предавства, ама не сум намразил никого за да му посакам пеколни маки од кои не се излегува. 
Ете, затоа плачам, зашто омразата не ми го киднапирала срцето, не се вообличила во мене како суетен превез врз очите, па умеам да видам колку сум глупав и бескорисен.
Го гледам злото како се распослало врз битисувањето, безидејноста, лицемерството и алчноста го черечат светот, моќта е убедена дека може изгрејсонцето да го направи зајдисонце, го гледам злото, војната што ни ги распнува душите, профитот што ни ги поцрнува очите и целта ги оправдува средствата што ја правдаат омразата кон ближниот свој, и се разделува љубов од почит за да се владее со ум и тело, и се гази во крв до колена за да му се направи на другиот тоа што не сакаме нам да ни се прави. Ете, затоа плачам, зашто сум слаб и недостоен да го прегрнам светот, зашто никогаш не сум мразел, ама не знам како на другите да им го подарам тоа без да се возгордеам. 
Плачам затоа што не го мразам непријателот свој, ама не умеам ниту да го возљубам во срцево. Плачам затоа што сум грешен. Затоа жали ме, прости ми и научи ме Господи!




Нема коментара:

Постави коментар

Не мирисаме веќе на соништа

  Не мирисаме веќе на соништа   Незнам дали знаеше Но јас незнаев,дека Бевме o ставени на ветромината Од судбината Како цветови...