уторак, 25. април 2017.

Незавршен Божји Сон



Милион прашања со милион одговори денес се родија
се прекрстија на некои чудни крстопати
и секогаш на почетокот на секое прашање одеше
што ако
додека одговорот следуваше неочеkувано брзо..
Што ако
светот на нашето постоење
е само еден незавршен Божји сон
тогаш зошто секогаш сонувачите не се разбрани и сватени
што ако
сонувачите се само неговото продолжено постоење…..
што ако
сонувачите го знаат одговорот…дека
животот е најкратката приказна
која Бесконечноста ја раскажува во само еден здив
кој нам приказната е мерена со години
на Бесконечноста е краток,само еден миг…
што ако
ние немаме почеток,немаме минато…
кругот во кој се вртиме постојано е вчерашниот крај и почеток…
што ако
времето е само судија
кој пресудува кога ќе ја најдеме вистината…

додека бесцелноста е само казна на тоа погрешно барање…


понедељак, 24. април 2017.

Го пронајдов сопствениот Мир

Го пронајдов сопствениот Мир
Во Царството на Злото
Ете така едноставно
Што не му позајмував на никого чуства
Не зборував напразно
И легнува мирно во кревет
Кои некои зборуваат дека мирисал на Блуд
Не го барав времето во непостењето
И не плачев пред сонцето
Не се чуствува како патник во животот
И не шепотев радиреда молитви

Ретко,навистина ретко шетам
Во просторот каде се раѓаат желбите
Но и понатаму ја пушам цигарата до филтерот
И ја пијам вотката до последна капка во чашата
Пишува,не за да ме тапшаат по рамо
Или да се сликам радиреда
Не подобро ќе кажам,пишувам секој ден
На новото платно што ми го дава утрото

Го пронајдов сопствениот мир
Зошто ги сакам сите капки од дождот
А во меѓувреме
Го оставам Гавранот да пее за изгубените времиња
И мртвата Љубов
Додека наоколу се шири царството на злото
Само се насмевнувам искрено

Исто како што Месечината се смее на Полноќ.



недеља, 23. април 2017.

Дневникот на Една Куртизана



За немирот на еден скитник
Прочитав сосем случајно во дневникот на една Куртизана
Којзнае
Можеби за ова и небото знае
Та затоа молчешкум се покорува секогаш пред мољните
Но
Помеѓу редовите
Беа солзите негови
И нејзини парчиња од веќе исушен кармин
Кога во тишината само слушав,но не читав
И хартијата како да јачеше од тежината
Несакаќи да ја каже целата вистина

Прочитав
И двајцата биле закоравени Атеисти
И затоа не се плашеле од Бога
Ни пак од Гревот
Единствено им недостасувало сјајот во човечкото око
Слушнале дека таму е запишана една цела непозната религија
На една страна пишуваше
Се изморивме гледаќи во оклопот на луѓето
Бараќи го Човекот

Потоа..сега малку ќе замолчам

Со твоите нокти,гребиш по мојата душа
Додека стоиш,дишеќи позади мене
Дланките,тие мали слатки криља на пеперутките
Ги бидат сите скриени желби
Повторно,повторно,повторно да те почуствувам

Бесмислено е веќе да зборувам
За дневникот на Куртизаната

Кога и небото молчи.


субота, 22. април 2017.

Деновите се редеа,зрно по зрно,години




Додека земјата сонливо дишеше
Деновите се редеа,зрно по зрно,стануваќи години
Во кој некои копнееа по нови обувки
А некои исчекуваа дождови
А некои угарите ги продаваа за три мангари
И така
Години,зрно по зрно,денови во низа
Во кој секој има свој ден
Кога некој воздивнува
А некој само седи и молчи
Заспиваќи си и будеќи се  пред спулавеноста
На поколението,или поколениата
Собираќи ги тогај,капките од денот
Низ молитва,нека биде светлина
И ги пел,стануваќи лесен сон.

Деновите се редеа,зрно по зрно,години
Животот гаснел,се обновувал,и пак гаснел
Паѓаќи како презреана крушка во јама од мрак

Се случувало понекогаш
Само понекогаш земјата да заглаголи
На орачот,на јагнето,на ограбувачот,на осакатени калуѓери
На вознесени курви со обесени боски
Дека секој има свој дел од пеколот,и свое право на вечни маки
Каде своите закони од пцости и клетви ќе ги одржуваат

Деновите се редеа,зрно по зрно,години
Животот гаснел,се обновувал,и пак гаснел
Влечеќи ја сенката на вечната тага
И плодноста на природата со плодови загатливи.










петак, 21. април 2017.

Да бидам песна е лесно




Да бидам песна е лесно
А Тоа го можам и утре
Но сепак не би лажел
Денес сакам само стих да сум
Мал
И обичен
На Кој птиците ќе му се радуваат кога ќе го читаат
Облаците ќе го поздравуваат
И Виножитото ќе го земе со себе

Не лажам дека е така
Вие сепак не верувате
Но да ви ја кажам вистината
Не ќе слушате

Но со мене беше готово
Тогаш кога јас умрев,а ти воскресна
Зошто беше жена која ја помина границата
На гревот кој ме уби за ти да живееш
И евеме,со тивок лелек мрморам
Оставетеми ја слободата
За да одам во пространствата на Љубовта

Да бидам песна е лесно
Која денот го троши
Ноќта ја крши
Но сега ни стихот го нема
Пијаниците го продадоа за три мангари
Скитниците го однесоа во некоја пустина
Којзнае дали сега некој мисли
Дека лажам




Без Човекот,ќе ги нема ни Молитвите



Сеуште се цеди Човечката крв на распетието
Позади сите трепетливи пламени свеќи
Тераќи го Синот Божји  да молчи
Помеѓу земјата и небото
Каде празнината ги голта
Сите воздишки,сите млади ветриња и сите млади мољни
И сите млади виножита.

Химната на Небото
Како одраз на далечен оган на будење
Со презир кон сето Богатство
И без сладострастија
Се простува со збогум засекогаш
Од ова живеалиште на очај
Каде лежат испокинати нишки меѓу две Ѕвезди

И сега
Вие лажни,Поети,Сликари,Боеми,Живи Светци
И што ти не
Кренетего Пехарот
За да го испиете својот заборавен здив
И погледнетего искршеното огледало
Без да ви бабрат очите
И на сопствениот одраз од парчиња
Најдетеги зениците
Каде помеѓу мртвите клетки сеуште пловат облаци
Со животворни мољни и сини дождови

И подлабоко во времето
Пронајдетеја одеждата исткаена од пајажина на глуварче
Со мирисот на сите родени и неродени столетија
Оделуваќи го од вас
Лачот на темнината

И така безимени како што почнавте
Лесни како чад
Без брчки
Кажетеси
Голи дојдовме,и голи ќе си одиме
Без огнови на слава

Не би глаголел за сето ова
Ако не гледам како над вашите глави се надвиснале
Ластегарки лескови
И вили пламени
И ако не ме плашат криците на мртвите
Кои не се доближиле до крстот.






понедељак, 17. април 2017.

Стар Роковник




Гледаќи во Небото,каде птиците оставаа траги со песните
Не зборувавме за годините,кои беа исполнети со туѓи зборови
Се доближувавме,кршеќи го молкот
И чекањето,кое миговите не ги броеше

Недостасуваше,само еден вистински збор
Кој ќе ја собереше сета тишина
И ќе го избришеше сето бледило кое висеше
Небаре беше најгустата пајажина .

Времето притискаше,додека во далечините
Меѓу брезите свиреше старата песна
Сакаќи барем тоа Ништото да го претвори во Нешто
И тоа што беше вчера,да не биде утре.

Сето ова е само уморна слика на еден изминат ден
Исполнет на десната страна со една стара лита клупа
Од лево,туѓата гордост и лажната љубов која се продаваше ефтино
Напред,безначајни датуми,кои не се запишани во стариот роковник








четвртак, 13. април 2017.

Во следната година



Трубата ќе ги собере сите луѓе
На едно место,малку подалеку од престолот
Зошто уште се куп диви ветришта
Без многу соѕвездија меѓу себе
Наоколу,сите седум ритчиња ќе треперат
И така годините ќе минуваат
Минатото ќе се заборава
И
Ќе ги повикуваат покојниците
За да ги покорат
Мислеќи,дека така побргу ќе се ослободат од злото
Ама,осмата
Нивниот двојник
Пак ќе ги стори
Искриволчени,шашливи,набабрени
Ќе им каже дека сеуште седат
Во мртвото време
Со крвавиот оган на пеколот во нивните срца
Потоа
Во времето на жетвата
Ќе кренат барде со вино
За полесно да ја кажат хиерархијата на светците

Во следната година
....во следната година
.........во следната година
Кристалниот глас на трубата повторно ќе ги собере луѓето
На едно место



среда, 12. април 2017.

Стеблото на Надежта



Ете,повторно
Започна да се спровира низ прстените на времето
Насмеана
Радуваќи се на белите облаци
И
Неплашеќи се од осојните засеци на планините
Во кои одекнуваа предвечерни песни од Младоста

Ах Младост,воздивна
Го изминав невратот
Талкав и џвакав темнина
Спиев покрај црна птица со мртви криља
Одеќи така од нигде кон ништо
Ах Младост
Не ме влечат веќе таинствените длабочини на минатото
рѓата на поразот падна
И невидливата грамада на мртвиот воздух се распрсна

И се насмевна,малку чудно девојката самјак
Небаре ја откри загатливоста на Бескрајот
И без да размислува
Го спрегна идниот миг да ги досегне соѕвездијата
Каде се возвишуваше стеблото на Надежта.






субота, 8. април 2017.

Во долгата и вечна ноќ



Далечните грмотевици,без чуство за болка
Забораваќи дека тука постои и Судбина
Или кога ќе се стемни,некаде се провлекува некоја молитва
Која лази од некој слеп проклетник
Минуваќи низ секакво месо
Лесно докажуваат дека сепак има умирање

Некој со повеќе гнев во себе
Некој благороден и возвишен,наслушнува
За песната која ја создала некоја усфитена мисла
И нејзината тажна развлеченост
И отвореното небо,кое граба во темнината
Носеќи ги сите нивни лажни времиња
На тие призраци со крв
Тие верни кукли на душевната бркотница
Некаде
Во неопределени далечини каде грмотевиците се плодат.

Ама,етего собеседникот се огласува
Не ме слушате,и не ме гледате во своето слепило
Оти во гласот ви е стравот од осаменост
Во долгата и вечна ноќ,каде ќе немате придружник
Оти вашата внатрешна разбуричканост е само омраза
Која раѓа само грмотевици.








петак, 7. април 2017.

За курвата,или курвите (сеедно за која)



Повторно се стретнувам со сопствениот живот
Но изморените очи ми кажуваат,прво да се простам од себеси
Ако,ќе кажам низ врисок
Коренот ми е длабок,негнил
Само малку ми се мртви сетилата
А можеби е малку налудничав денов

Пролета,етеја повторно навлегува во сеќавањата
Ѕидовите се напукнати,претпоставувам
Од киселото вино што го пиевме со курвата
На балконот,таа беше во жолта облека
Мене ми се стори наредена е со лимонови лисја
Зборувавме на стар боемски јазик,без да ги вознемириме гавраните.

А потоа,некаде на пладнето,во Булеварот со суви дрвја
Одев како дух кој избегал од проклетијата
Чекаќи некоја нова курва,да пушти апеж,или бакнеж
Прашуваќи низ полупијани и полутрезните усни
Кажими и покажими што е тоа Љубов
За јас конечно да дознаам што е тоа омраза

И повторно,темнина
Возбуда,малку очај,и малку некорисен грев
Покрај нас стара хартија,со полузавршени песни
За океаните,и реките без сеќавање

Непрокопсан,и таа непрокопсана
Пееме двајцата нескладно
Со главите во облаци до осамнување
Бараќи го стопанот на времето
Прашуваќи го,што сакаме воопшто,кога иако немаме желби

Обично,додека глаголам бавно,разбирливо
Палецот и показалецот пишуваат на небото
Но сега тупаницава стегната е
Што навистина повторно се стретнувам со сопствениот живот
Кој е некоја непозната човечка драма
Или курва во лита облека
Со прозирна чаша во раката
Наздравуваќи за изумреното и нероденото.









понедељак, 3. април 2017.

Кројачи на Судбината



Не го убивајте мојот ден
Зошто ми ги носи сите летни спомени
Уверен сум во ова,и
Ќе морам,тогаш да се одрекнам од желбите
И да станам крвник
Та
Ќе ја распарарам,онака без чуство ноќта
Оставаќи ја да се влечи ранета по разјадена калдрма
И на месечината ќе и ги ископам очите
Гледаќиве од заодот,како ве прогонуваат
Полутемните сокаци исполнето со гладни сенки.

Не ми ги сечете нишките од времето
Зошто секогаш таму го играм забранетиот танц со светлината
И му шепотам со болката под третото ребро
Ова во вениве,не е моја крв,којзнае
Можеби е само пелин со црвена боја
Уверен сум во ова,и
Ќе морам да го оставам за вас скиснатото вино
Кое за миг ќе ви ја украде срдечната смеа од усните.

Ме демните
И мене и другите
Ако
И треба,оти
Згрчени под товарот на своите сенки
Кои повеќе ви се мачители
Со вашата пирејска жилавост ,која никнува насекаде
Во секоја пукнатина на деноќието
Ве тера никогаш да не прашувате колку е часот
Уверуваќи се себеси

Дека сте вешти кројачи на Судбината.


Дојдов со своите гревови





Евеме
Дојдов со своите гревови
Оставаќи  ја планината да ја истресе од себе
Отровната магла врз голите врвови
Дојдов
Несакаќи да гледам како гази ,како смрт
Студеното сеќавање во кое сеуште е втиснат твојот лик.

Да
Му бев товар и на небото,таму
Евего сега се дига и спушта рамномерно
Топеќи ги бигоросаните воздишки со пролетнава роса
И земјата од сето ова смекна.

Ја стискам силно цигарава со усните
Слушаќи го безгласното смеење на некој слеп скитник
Кој така го искажува својот јад
Но падната ѕвезда ме теши
Заплачи
За да не бидеш тежок како нечија судбина
Заплачи
Заедно како некогаш со својата сенка
Ќе видиш

Ќе се сурнат гревовите кон минатото.


субота, 1. април 2017.

Се испомешаа дните




Се испомешаа дните
А ти
Непоканета дојде во сонот
И небаре си неприкосновен господар на мракот
Загалопира со твоите игри
Потсмеваќи се притоа на изгревот
Низ твојот Величенствен танц со љиљаците

И тогаш
Повторно
Живите кругови замреа
Од врелината на твојата пустина што ја носеше
Во душата каде молкот се влечи

Соземисе
Ти глаголеше сказанието ненапишано
Твојата ѕвезда падна
Од пехарот каде пиеше слава
Се цеди црна крв
Соземисе
Додека сеуште не те извлекле од утробата на времето

Ете
Се испомешаа дните
Додека ноќите беа без омарнина
Малку поинакви




Не мирисаме веќе на соништа

  Не мирисаме веќе на соништа   Незнам дали знаеше Но јас незнаев,дека Бевме o ставени на ветромината Од судбината Како цветови...