субота, 31. март 2018.

Лазарова Сабота




Ако идната недела,или идниот месец
Го запознаете ужасот
Кој е верувајте пострашен и од здивот на ѕверот
И ви постави невидливи стапици
Во лажните евангелија кој ќе ги читате
И ве натераат да ги исечете лозниците во дворовите
За да може така поубаво
Змијата да се издолжува во сите ваши неродени денови

Можеби и незнаете,дека
Се топите и умирате,брзаќи така
Да умрете пред својата смрт
Без да погледнете во сводот
Во таа исконска распната сина кожа
Која е без брчки,и со многу насмевки

Ах би глаголел уште многу
Но подзаборавам дека вечерва е Лазарова Сабота
Кога Мртвите зборуваат
А живите само слушаат и паметат.




петак, 30. март 2018.

Кога ги убивавте соништата





Небевте длабоко во времето, за да ги видите агониите на ноќите
Вие,кои го наследивте оловното сивило во очите
Та затоа од вашите срца се цеди тага
И во тишината ве придружува песната на сонливите штурци
Нејсе
Утре во утробата ќе ви завива гладен волк
И нема веќе да глаголите за чудата на Апостолите
Месечината ќе се намали
И не ќе пробате веќе никогаш сребрена вода
Правот на замор,катаден на клепките ќе ви виси
И околу вас ќе се сноват сенки,без облик на човек
Баба Петра одвреме навреме ќе ве прска со крстена вода
И со мртва утеха ќе ве теши
Од пишаното не се бега

Ќе ве прашам
Кога ги убивавте соништата
Имавте ли јасна иднина
Или само сакавте да заминете од мачната стварност
Каде вашите притаени воздишки ви се губеа.



среда, 28. март 2018.

Можеби сум дошол од иднината



Ова не е проклетие
Или некое зло претказание
Но измитарен пес сето ова го видел на гнила коска
Знам само,го испадиа на друм правлив со клетви
А тој како шашлив светец,пак глаголеше.........

...со сплескано теме како мршојадци ќе се вртите
И од сенките свои ќе се откажете
Утрата ќе ви бидат модри,утките песни ќе ви пеат
Темнината ќе ви го успие разумот
Расото ќе ви биде постаро и од кожата лита
Не ќе ја носите веќе топлината во крвта
Напладне,улави самовили со големи боски ќе ве јаваат
Дождалецот,ах тој дождалец,ни на дланки нема да го имате

Којзнае,можеби беше само веститетел
Кој утре ќе се скамени од клетвите
Ама вие не одмавнувајте со рака за се што ќе слушнете
Оти и во минатиот век имаше еден осамен волк,со златни заби
Кои пиштеше,а не ревеше,но претскажуваше
Да после,се беше скрб,се беше болка,и насекаде беше смрта

За секој случај,ќе бидам насекаде,ќе сонувам на нозе оловни соништа
И на сите заспани,ќе им ставам лук под глава
Редеќи им на челото ѕвездени ронки
Којзнае
Којзнае,можеби сум дошол од иднината што знам за сето ова








уторак, 27. март 2018.

Течение од тивки шепоти



Го прашувам непознатиот,како избега од омеѓеното време
А тој,проклетникот,молчи,како свеќа пред догорување
Плашеќи се да прозбори,небаре ветриштата ќе ги однесат зборовите
Само трепка со очите,одаваќи така некој таен звук на камбаните
Но со рацете покажува,дека темнината го бендисува
И дека во неа сокрил некои далечни мината
И дека во неа се скриени сите негови завети.

Нејсе,сепак во неговат сенка ќе си ги исплакнам очите
Топеќи ја така тивката осама
Надвор,знам тишината ја реметат,расцветаните цутову
И некој романтичен патеписец
Кој шара по белата хартија,за русите коси и белите бедра

Само на исток,повторно на ивицата од планината се раѓа зрак
Топеќи го богатството од бои и блесоци врз папсаните раменици
Утро е,молкот сега се претвора во повторен животен талас
А сите камени мисли во течение од тивки шепоти.



петак, 23. март 2018.

Тажниот Глас



За да ти се восхитувам
Дозволими до душата твоја да допрам
И секој миг со Маѓија да го создавам
Но, се додека сакаш
На ликот твој да се радувам
Чемерите ќе се раѓаат во секој мој ден
Ах Ти
Која чекориш кон срцето
Сакаќи во роб да го сториш
И со сиџири невидливи да го врзиш
Не ме допирај со празнината која ти се залепила на прстите
Зборуваше вака секогаш
Гласот кој тажен беше
Потажен од сите тажни луѓе
Кои одеа со наведнати глави по улицата
Која немаше никогаш крај


четвртак, 22. март 2018.

Престана зарем не



Којзнае каде на кој камен седиш.слушаќи ги брановите
Со скриен поглед пред ветерот
Знам,синоќа го слушнав крикот на твојата исплашена душа

Престана зарем не ,да гледаш во месечината
Неверуваш веќе ни во мирисот на ноќите
А толку се радуваше кога ги боев твоите мисли
Чекорите,отсекогаш сакаше да ти бидат големи колку вековите
Потскокнуваше како мало дете
Кога ти кажав дека ја пронајдов патеката до виножитото

Сега ќе замолчиме,заедно со мојата сенка
Наслушнуваќи ги далечините
Када заплискуваат тие морски бранови.


уторак, 20. март 2018.

Сега знаеш како е да се сонува за стварноста




Знам дека Петарка ги напишал најромантичните стихови
Јесен најтажните
Додека некој непознат Поет во Андалузија најрадосните
И сега Ти ќе помислиш
Дека моите зборови се само бледа копија на тие нивни мисли
Но и тие
Исто како мене ,во тебе ја гледам Боженственоста
Не убавината
Не твоето тело
Ја гледам твојата чиста Душа како трепери за секој несоздаен стих.

И додека мастилото клокотело и клокоти
Некаде во вените
На границата помеѓу сонот и јавето
Тишината од тие простори,полека се спушта кон твоите бедра
Кажуваќи им на грешните мисли,одете некаде под перницата да се скриете
За да можам сите допири да ги направам миризливи

Би било премногу болно,и малку тажно,ако не поверуваш на сево ова
Не се грижи
Нема да ги натерат слоновите во Танзанија со урликот  да ме подржат
Ни пак Орлите стогодишни да крадат твоја воздишка
Доволно е
Што громот за мене пишува на небото
И галебите пеат секогаш на брегот кога молчам
Не сум се променил зарем не
Сега знаеш како е да се сонува за стварноста.






понедељак, 19. март 2018.

Кога еден ден,сосема обичен ден





Кога еден ден,сосема обичен ден
На мостот каде надежда пладнува
И не наплаќа мостарина
Ќе се стретнат моето ДА и твоето Не
Или беше обратно моето Не и твоето Да
И се прегрнат онака Човеки
Како што никогаш ние не се прегрнавме
Дали тогаш
Нашите пожолтени,или мувлосани коски
Под земјата
Сеедно е,ќе престанат да се морничават од Вистината
Дека бесцелно го меревме времето со минути,часови и денови
Кога тоа ионака врвеше покрај нас

Кога еден ден,сосема обичен ден
На Булеварот од вревата
Ќе се стретнат моето Не и твоето Да
Или беше обратно моето ДА и твоето НЕ
И седнат на масата каде што седнуваат сите стари пријатели
Да го испијат бујрум кафето
Читаќи ги при тоа сите напишани песни за Љубовта и Разочарувањето
Насмевнуваќи се искрено за заблудата.

Кога еден ден,сосема обичен ден
Моето Да и твоето НЕ
Или беше обратно моето НЕ и твоето ДА
Ќе добиат право на живот во светот на Бајките
Каде што Небото никогаш не паѓа на Колена
И Ѕвездите не умираат со крикови страшни
Ете тогаш
Додека ја нишаат колевката каде спиат сите сништа
Ќе разберат
Дека сеќавањата се само мртви делови од денот изминат.







недеља, 18. март 2018.

Животот ти е казна,а смрта награда





Животот ти е казна,а смрта награда
Со потсмешливо граќање пееше Гавранот на гранката
Додека ги истурав последните трошки на прозорот
Само го погледнав а тој продолжи
Ако пеам за твоите очи
Ќе посакаш некоја да се капи во синилото твое
Ќе оставам идниот стих да го каже песот скитник
Со својот тажен виеж
Ти тогаш молчи,и ловиги соништата
Одвремне навреме погледни на левата страна
Ете таму,каде што блудниците плачат со црвени очи
Додека го гледаат последниот танц на пеперутките

Животот ти е казна,а смрта награда
Продолжи со својата потсмешливост
И под лажната светлина
стравовите се видливи,а солзите вистински
Додека одиш кон виножитото
Со шепотите на Феникс
Кој секогаш во градите ти се буди

Никогаш повеќе нема да пишувам за ладните мартовски ноќи
Бидеќи така ќе ги облежам повторно длабочините на црните дупки
Кои ти Гаврану,ги знаеш уште од раѓањето на времето
Време е
Време е ноќните светла во вените да ги изгаснеме
И бестелесно со зборовите некажани да заиграме
Некаде подалеку од погледите.






О земјо




Зошто ли сум
Олицотворение на прашината
Која скита од место на место
И затоа ли
Така немилосрдно ме шибаат
Ветриштата низ сите продувани векои
Низ кој минав

О земјо
Сториме денес карпа
Или грутка црна
Да се скрасам на место некое
Макар било тоа и осој лут

Но не барај да се покајам
Оти јазикот ќе ми биде скротен
Тогаш ќе молчат и мислите
И ќе мора скржаво,скржаво да говорам



петак, 16. март 2018.

Блазе вас





Незнам дали во вашето село
Дождот мириса на ванила
Но тука во овој град е со мирис на болка
И образите не се веќе црвени,само згчените црти останаа
Ако вие во село
Цвеќето се уште во косите го носите
И венчиња на глава ставате
Тука,во оваа градска сивотија
Само за погреби букети се купуваат
Луѓето тука на балкони веќе сами со себеси разговараат
И утеха од камени кипови бараат
Пред слики се исповедаат
Бидеќи дневната норма за насмевки ја исполниле

Блазе вас,во село
Се крстите наутро без да платите за тоа
И не живеете за сеќавањата и спомените
А ние тука во овој темен град
И надежда ја делиме на половина
Додека доручкуваме од трошките на Љубовта

Блазе вас





четвртак, 15. март 2018.

Неплодна ноќ



Не ми ги нуди твоите блудни усни
Жено
Ноќва е неплодна
Та бесцелно ќе го палиме оганот во срцата
Незнаеш,бесот на Перун ќе го навлечеме така
И ќе ни го пеплоса утрото неродено со громовите

Не,не ги нишај колковите залудно
Оти ќе рикаат така суводолиците до полноќ
Којзнае каков бигор ќе ни донесат со себе
И не гледај со вжарен поглед
Шепот не излегува од усниве
Премногу скрама фатиле
Затоа кажувам
Неплодна е оваа ноќ
Жено

Молчи,и остави болката барем нека пее
Дека е така
Слушнија кучката кај соседите како болно завива
Во оваа неплодна ноќ



понедељак, 12. март 2018.

Ич пазар



Ако некогаш животот ви го наврти патот
На ич пазар
Кој се наоѓа во Долината каде течат Спокојните Реки
Значи сте три пати Благословени од Судбината
Но тоа не е гаранција дека ќе отидете во рајот
Но сепак,парите чувајтеги длабоко во џебот
Безвредни се тие таму

Ќе ве пречека неугледна продавница,со понеугледен продавач
Малку парталав,тринаесет недели немиен,и во косата
Како Буф исплашен
Ете тоа е е продавницата на насмевки
За да добиете еден грст полн,вие
Треба само да му кажете една заборавена детска желба
И се разбира,рака да му баците.

Понатаму,е продавницата на солзи бисерни
Ги подарува една Бабетина стара,со три,или беа два заба
Малку шашава е во очите,но синилото во тие дупки
Е бескрајно и смирувачко
Ќе треба да седите само пет минути,и да ги слушате
Нејзините здодевни приказни за животот во облаците
Ако времето не ви значи многу,ќе се вратите како Богат Човек

На само три метри до неа е продавницата за гардероба
Каде душата може да се облече во блескави облеки
Интересно,ако сте тажен,вратата нема да ви се отвори
А внатре ќе ве пречекаат осум преубави Самовили
Не зборувајте,само отворетеги очите ширум
За миг,ќе почуствувате како треперите со восхит.

Во самиот центар на Ич Пазарот,има чешма шарена
Од Седумте шопури грга вода лековита
Не се лажете,не лечи рани Љубовни,оти Љубовта не повредува
Мачкајте го вашето чело,и браздите ќе исчезнат
Ставете малку и на грбот,и лузните од камшикот на судбината
Ќе ги снема,како со рака однесени
Но немојте,навистина немојте,скришум во шишенца да полните
Седум години,несреќа ќе ве следи.
Ех,навистина ех,ако животот ви го наврти патот ете таму
Од продавницата на воздишки,бакнежи и милувања
Ќе останете со подотворена уста
Чуда,чуда се тоа за кој можете само да претпоставувате
Ги има многу,многу,толку многу,што продавачи папсуваат од работа
Овде можете да платите со вашите најубави соништа.

Ах ќе заборавев,продавницата за чевли е малку зафрлена
Во еден темен сокак карши карши,со пајажина се прозорите прекриени и затворени
Ги има разни модели,од кожни и блескави,до платнени и тенки
И железни но тешки
Само табаните покажетеги,и чевлите ќе бидат на вашите нозе
Но не се жалете потоа
Ако обувките нови ве однесат во чудни краеви.

Но,во продавницата за време,не влегувајте
Ако не знате што сакате
Погрешниот избор може да ве однесе во туѓа вселена
Или бурите на нечие срце ќе ве исплашат
Вие,земетего само она парче
што што ви носи мир кога ќе допрете.

Се додека мислите дека Ич Пазар е измислено место
Ќе тапката во просторот
И сите соништа ќе ви бидат лажни
За Љубовта од другите само ќе слушате
И со бесцелност ќе бидете наградени.







Не мирисаме веќе на соништа

  Не мирисаме веќе на соништа   Незнам дали знаеше Но јас незнаев,дека Бевме o ставени на ветромината Од судбината Како цветови...