петак, 30. јун 2017.

Изгубени во Сегашноста



Стоиме во центарот на Времето
Додека наоколу се шири мирисот на Јагоди
Одвреме навреме се погледнуваме
Прашуваќи се себеси
Кој беше крив за толку непознати врвици околу нас
И многу мртви години
Исполнети со напукнати ноќи,низ кои се цедело
Целокупното Човечко лудило.

Овде сум,тука си,тука се
Со многу еха заобиколени
Во празните улици на Градот каде Уморот Царува
Губеќи ги чуствата кои не се веќе важни.

Чудно
Мачките сеуште одат по Балконите
Пиеќи жедно од небото сребрена вода
Само сенките заробени во болката сметаат дека се живи
Менуваќи го обликот во својата привидна слобода..

Многу ми е жал
Што мирисот на Јоргован
Го заменивме со мирис на Беда
Сакаќи го така повеќе животот после Смрта
Бегаќи од Животот пред Смрта.



уторак, 27. јун 2017.

Секогаш кога сонцето заоѓа




Зајди зајди Јасно Сонце
И ти Јасна Месечино
Е песна која моето срце секогаш ја пее

Да

Секогаш
Секогаш кога сонцето заоѓа
Умира полека еден дел од мене
А ноќта
Ах таа ноќ проклета
Ја нема моќта да ме воскресне
Си вообразила
Дека сум и Вечен должник.

И зборувам тогаш
Кога ќе ме притисни покрај карпата црна
Виткаќи ги моите девет прсти
Немој
Немој да ми судиш никогаш
Полна си со гревови
И тажни спомени
Само симниги прангиве околу душава
За да можам да го Благословам ветерот ладен
Не ми суди ниту за гордоста
Заради мирот кој ме чека во пурпурот.




понедељак, 26. јун 2017.

Ќе наздравам вечерва за Љубовта

Ќе наздравам вечерва за Љубовта
Додека во Шестата Галаксија се раѓа нова ѕвезда
Многумина сега ќе кажат
Копнежот ме тера да го кренам овој Величенствен Грал
Малкумина знаат
Дека не пресликувам  минати дни со ова
Единствено
Ќе ми замерат само Убиците на Сништата.

Ти
Која спиеш во моето срце
И која постоиш, во Болката и во Насмевката
Претворисе во Време
Кое нема да трае три дена
Ни пак три месеци
Ти
Што ги знаеш Бурите во мојата крв
Направи
Далечините да станат близини.

Ете кажав што кажав
Нека биди што ќе биди
Јас ги спакував мислите
Сега ветерот нека биди милостив
Всушност
Нека ги разнесе во пурпурот сите зборови.

А вие
Вие оставетеги зборовите нека патуваат
И оставетеја вашата нејасна тага
Во бескрајната мелодија што ја пеат Сребрените шуми за вас.















субота, 24. јун 2017.

Скриен во тајните на стиховите




Скриен во тајните на стиховите
Ги спуштам малку уморно рамениците
И пробувам да се насмевнам на мислите
Кои постојано патуваат од едниот до другиот крај на Вселената.

Ќе помислиш
Дека така постојано те барам во сите изминати есенски денови
За да те прегрнам со тишината
Или утешам со насмевката.

Не
Се изгубив ете тогаш
Под виножитото
Кога моите очи жедно пиеа штотуку родени копнежи
А ти
Стоеше мраморосана на крајот од патот.

Ете
Повторно ја зборувам Вистината
Додека пред мене се пали светлото над сите соништа.




петак, 23. јун 2017.

Пробај да заплачеш




Пробај да заплачеш
Исто онака
Како што секогаш плачевме во оние денови
Кои небеа дождливи
Знаеш
Земјата не го бараше тоа од нас
Но
Ние премногу ја сакавме
Та ќе седневме како некои скитници
И некаде од длабочината на душата
Ги собиравме капките на животот

Пробај
Навистина пробај да заплачеш
Зошто Јас
Преморен сум од овој живот
Толку сум преморен
Што понекогаш
Вистински се плашам дека ќе немам сила ни да умрам.

Пробај да заплачеш
Повеќе за земјата
Помалку за мене




среда, 21. јун 2017.

Нова Битка со Сеќавањата



Застанавме со Ноќта пред Огледалото на Вистината
И молчевме
Со малку наведнати глави
Оти налет да се сторат
Зборовите веќе ни беа испокинати
Навистина,таа беше помудра
Додека Јас бев со пократок век
Но лепливата топлина без мирис и без боја
Не натера
Да кажеме се што не кажавме кога бегавме од болката

И ете
Се отвори тогаш чудесниот цвет во окото
И рикна огнената пупка,малку беше на еден крај лилава
Ама чмаела покрај срцето
И зеде низ прстите да ја растргнува пајажината на староста
Некои ова ќе го наречат нова битка со сеќавањата.

Ако некогаш заспиам
Сонуваќи живи соништа
Дали Ти
Како некогаш
Со сјај во очите ќе седиш спроти месечината
И ќе ги читаш повторно моите песни.
Нема да се спротиставам
Кога ќе го корнеш јадот од срцето
Ако некогаш заспиам
Сонуваќи живи соништа
Дали Ти
Цветот на пакоста што прорти во дамнина
Ќе го смириш во дамарите
Правеќи така беспричинската радост да ми ја грее крвта.

Кажав што имав да кажав
Зарем не
Во далечините плачиш со жолта јанѕа
Паѓаќи пред споулавената смеа
И прегрнуваќи ја соптвената сенка
Да,кажав што имав да кажам
Сега слободно меретеги моите чекори кои одат во неврат
И прстите исечетеми ги
Но мојот сон и досега
Беше повистински од се што сте сонувале вие.








понедељак, 19. јун 2017.

Земјата Бара Орачи,а не Кумови



Наеднаш легна тишина
Таква тишина што и мравките изгубија желба оро да заиграат
Само Дедо Панко стоеше
Во црнејцата со мотика враце
Незнам дали очите го болеа,или плачеше
Или му беа заробени сите сеќавања
Наоколу тишината,таа проклетница му ги јадеше зборовите
Ете де,оние кои небеа никогаш кажани
Ама низ молкот беа провлечени до дното на душата.

Кажуваа,вчера безнадежен дожд го плиснал
Можеби затоа утринскава сенка му е распарчена
И можеби затоа темно не гледа,небаре сме неутешни души
Од зад карпите кресна Гавран за гозба
Во десното око му се топеше последното грутче сончево злато
А сонуваше долго кутриот да биде покојник
Меѓу бедни ноќни жени со боски,слични на полна Месечина
Кои нема да му ги копаат очите,оти ќе им кажува вечно Живи приказни.

Рикна ли,зареви ли,лелек пушти ли
Небаре е поет кој ги пее најтажните песни на својот народ
И зеде Молитвата да ја кажува
Која во ноќта ја слушаше,со разденувањето ја забораваше.

Браќа,Синови,Внуци,не ме закопувајте утре
На Безимена земја
Мртвите нема да ми простат ни мене ни вас
Ни пак ќе ме прекријат со мртво спокојство
Ни пак ќе ми дадат да го видам позлатениот исток
Не давајте да ми остане отворен гробот
И да ми мириса на изгорена волна и човечка тага
Недавајте моите развлечени зборови да ги чопкаат Црните Гаврани
Остајте нега ги глодаат црвите.

И не само лицето
И гласот му беше чуден
Небаре илјада години земјата низ коските му се сновела
Сепак малку се исправи
Малку повеќе од вчера
Оти ги носеше сомневања на грбот
За сечијата безимена иднина.







Не мирисаме веќе на соништа

  Не мирисаме веќе на соништа   Незнам дали знаеше Но јас незнаев,дека Бевме o ставени на ветромината Од судбината Како цветови...