субота, 7. април 2018.

Од Безгрешност премина во Грешност





Етего
Застанал на гола спила
Со неговите затегнати криља
И реди псалми од вознемирената утроба
Врз смрзнатите животи
Кои се измориле во оваа студена пролет
И пак ја чуствува тагата
Која му ја испраќаат во тажните песни
Та грлото му се стега
И во очите неможе да му прорти надеж
А,да им каже на луѓево
Кои се жилави,и жилавиот пиреј го носат во семето
Ама пусто
некој им ја разврза низата од денови
да Ангелот
од безгрешност премина во грешност
оти заплака со пелин солзи
и се препокри со мов од праска

и заспа
и сетне се будеше
и се споулавуваше
во неподвижниот воздух
во тоа мало дувло од четири ѕидови
каде ќе спиат уште многу поколениа
и пак ги собра дланките
оти наоколу се умираше без ред
а нему криљата му гореа
светците не му беа веќе браќа
но сепак сеуште беше гласник на небото
кој требаше повторно да се надрасне над еретиците
и да не цица од боските на залудените блудници
кои веќе се вгнездуваа во дното на неговите сини очи.

Да ,беше поинаков од другите
Со нежен облак над главата
И малку му беше прозирна кожата
Ги знаеше сите тајни на Ерусалим
Затоа судбината се плашеше линии да му втисни на дланките
Само бледиот заод на сонцето му се поклони
И пциите го дочекаа радосно.










Апостоли на Лицемерието




Празнината помеѓу небото и земјата
Се исполни со слатки мољни,родени од празни воздишки
Та час прават искривени виножита
Час ви го даваат привидот дека сте живи светци
А час ви ја дерат кожата се до вашите волчји коски.

Како проколнат поет ви го кажувам сето ова
И повеќе овие стихови се за невините,штотуку родените
Отколку за вас,кои се капите во крв,се замивате со солзи
Заплеткани во испокинати нишки на секојдневието
Исполегнати во живеалишта на очај.

И не купувајте повеќе огледала,изработени на нејасна месечина
Ќе ја видите вашата душевна осаменост како ви се смее
Од ликот изобличен ќе се исплашите
И ќе почуствувате како под вашите клепки,пловат мртви облаци
Единствено,утешително ќе биде,заборавената насмевка од младоста.

Сакате за среќата да зборуваме,и да ја бараме,и да ја имаме
А сеуште ни Оче Наш не научивте да кажувате
Од мирисот на годишните времиња се огадивте
И саде лачот од темнината го збирате во дланките
Бараќи ја при тоа помеѓу четири мртви ѕидови вечноста.

Нејсе,и вудвосан ќе минам под крстот
А вие и понатаму останете да бидете Апостоли на Лицемерието
И чекорете озарени,со скриени мисли за блуд
Но наскоро,крикот на Небото ќе ве разбуди
И ќе ве повика,поплитко да се закопати во земјата
За да може патникот од иднината да ве најди смирени.













петак, 6. април 2018.

Врзан на сопственото распетие





Врзан на сопственото распетие
Ја гледам бесцелноста на светот
И илјадници,илјадници отворени гробови
Кои во милоста своја ги нарекувате домови
Карши мене,гледам заковале куц измитарен пес скитник
Ниту цвили,ниту лае,само со очите чудна игра прави
Од лево,Цвета блудницата виси,со втеречен поглед во земјата
Пред само саат време огненица ја тресеше.

И глаголам малку утешително,на арапски,или беше ерменски
Е де,оној прастар јазик,кој правот на заборавот го прекрил.

До пред залезот се ќе биде готово,ама сега бавно се скратува времето
Можеби проклетиве пајаци го заплеткале во своите нишки
Нејсе,стоиме сега вистински на границата од доброто и злото
Нека не те плашат овие улави ѓаволчиња
И ним омарнината ги оковала тука,и тие слично на нас живееа
Не бевме родени за светители,имавме само едно срце,и две раце
Бабревме кога богатиот пехар ни го подаваа
Пупката на девствениот цвет ја газевме,и низ насмевки ја поганевме
Ако ,ако Цвето,и без нас дивината во планините ќе биде дивина.

Кутрата не разбра,можеби затоа што беше ѕвезда на сите црни надежи
Глутницата со здив на смрта во својата чељуст на тоа ја научи
Скаменето да ги гледа сите сеќавања,и од молитви да бега
А песот,сега се сеќавам,во минатиот живот беше стар испосник
Кој никогаш не ја заврши својата молитва,кога со нож го бодеа.

Можеби после залезот само ќе кркорам
И не ќе можам повеќе за животописот да зборувам
Вие само молчете
И пред небото покорете се
Така,ни Јас,ни Цвета ни пак Песот
Нема да бидеме безлични.



четвртак, 5. април 2018.

Сите рекоа Амин





Сите рекоа Амин
додека паѓаше Синот на Зората
И, се поклонија пред Земјата која го прифати

А беше без своја сенка
Пленик на болката во ослепените очи
Налудничаво  се тетеравеше во дневната запурничавост
Призрачните сенки му беа судии и приврзаници
Заборавената кучка во виулиците утеха му даваше
Живееше во далечен сон
Во чија модрина се беше возможно

Ете Тој,по совет од туѓинец,бегаше од светлината
Огнениците во неговата крв се оладија од сето тоа
Богомилците дојдоа со света причест да го послужат
Ги растргна и кожата им ја симна до заодот
Како живо вретено се спровираше низ круговите од времето
Не ги допираше Боските,туку ги сечеше за пците да ги нахрани

Помисли вчас еден,дека и тагата му станала робинка
Та посака да му готви,и вскут да му седи
И да бдее на миговите празни,кога слатко се смееше
Не ги послуша и Самовилите кога предвечерната песна му ја пееа
Небеше за покајување,туку за Априлските ноќи
Каде беа сите негови никогаш неиозодени патеки

А што очекувавте вие од плод
На жив споулавен маж и мртва жена
Кој растеше на стрмните карпи прекриени со модар мов
И кого смрта го обележа на челото кога одеше по угорнината на денот
Се сеќавате нели,кога се здружи со копилиња проколнати
И саде скромна трпеза на секого нудеше
И сега не се морничавете што само гавраните ќе го знаат неговиот гроб.



среда, 4. април 2018.

Недостојни за Иднината




Молкна неподносливата химна на сколовранците
Крстот се бигороса на врвот од планината
И никој во долината не се надрасна себеси
Оти севезден ни недостасуваа разни чуда

А зборувавме така пламено,дека ја пишуваме историјата на светот
И дека само кај нас во очите ни се раѓа пурпурот
Но заборавивме кутрите,дека под паднатото небо
Нема вечен живот.

Сето ова од збор до збор,ќе го испратиме во вселенските длабочини
Каде сенката на пролеаната крв се смее над кучешката судбина
Е, де,онаа нашата,што не оскрбува
И не тера,повеќе во грч,во гнев,во грев ,да сонуваме.

Само овде онде,по некоја молчелива калуѓерка
И некој набожен поп,не ржат со бес во крвта катаутро
И грчот на прстите не им се скаменисува за да се прекстат
И не јадат мртви еребици,ни пак се капат во кисели дождови.

Е така,пак кажете дека денот е Господово наказание
И слушајте го во одаите болното ревење на Ѕверот
Приказните плукајте ги,а дозреаното жито поганете го
Домаќинките на праг тепајте ги,и споулавено пијте пелин.




уторак, 3. април 2018.

Копук над Копуците




 Кога ќе умрат сите нивни обезличени зборови
Тогај,и нивните скришни молитви ќе стант бесцелни
Судбината и семето ќе им го стори суво
Та ќе ги колат,небаре се престарени кокошки
Нејсе,во невидлива лушпа се вовлечени сега
И нивното безумно лапање
Прави Гавраните да ја предвидуваат секоја нивна стапалка
Утре,да знаете само
Ќе ја пречекорат временската меѓа
И стаписано ќе гледаат во сопствените гробови
И орда од скитници како оро играат таму.

Ова беше во несреќно време,во Петиот Век
Кога живите џвалкаа лакомо мртво месо
А сепак
Тој ,арамбашата,трупот со човеки лик и без душа
Остана да скита низ вековите
И сите неодомаќени ѕверови ги води со себе
За Химната на Смрта да ја пеат
Сега ги нарекуваат
Копуци над копуците
Кои пците ги прибираат крај себе,впостела стравот да им го берат.

Вие сепак не верувајте
Кога ќе ве милуваат со нивните крвави очи
Оти тие ја знаат и легендата за прозирниот коњ
Кој спиел во прегратките на месечината
Но никогаш нема да ви кажат
Дека третите петли не пеат во маглата што ја сеат
И можеби ќе ве убедат,се што незначајно,да биде значајно
И дека шуплите потполошки се деликатес на полноќ
Оти,ете ветерот свирел низ нивните коски во изгревот

Да,да,ќе ви ја прегрнат вашата душа
Бараќи да се покаете,за да бидете сведители на сите неродени страданија
А Цветко,е де оној улавиот Цветко
Кој сето ова ви го кажал сто пати,му се смеете
Но тој го слуша само гласот на светецот
И затоа увото му е скаменето
Ова не е петиот век да знете
Но ве води слеп волчји пород.








недеља, 1. април 2018.

Да живееш во светот на Поезиата





Да пишуваш поезиа,значи
Да живееш во светот на Поезиата
А за да живееш во тој свет,треба
Да те благословат музите,ах тие чудесни суштества
Но,за да те благословат Музите,треба
Да видат во тебе,нешто што другите смртници неможат да го видат
Да,да Музите,тие гласноговорници на седмата галаксија
Или беше Деветата,сеедно
И откако ќе те благословат
Како прва утеха ќе ти прошепотат
Радувајсе кога се радуваат сите
Но тагувај двапати повеќе,кога другите се тажни
И не се плаши од проклетијата,и шугавите сенки
Оти тоа е само состојба надвор од срцето
И пишувај со прстите,на ветерот,на брановите,на земјата

Знам само едно
Кога ќе се изморат поетите
Починка бараат,на градите кај некоја маалска курва
И кажуваат бајати стихови,и пиат жедно од нивните усни
За бедрата спремни се цели поеми да кажат
Се додека утрото не ги раздели
Не им смета виното кисело
Ни пак досадните пајаци кои ракоплескаат во сите агли на собата

Ете така
Да пишуваш поезиа,значи
Да живееш во светот на Поезиата






Не мирисаме веќе на соништа

  Не мирисаме веќе на соништа   Незнам дали знаеше Но јас незнаев,дека Бевме o ставени на ветромината Од судбината Како цветови...