понедељак, 10. октобар 2016.

Како го преживеав пеколот во Арачиново


Description: http://ads.mkd.mk/www/delivery/lg.php?bannerid=2092&campaignid=1281&zoneid=17&source=mkd.mk&loc=http%3A%2F%2Fwww.mkd.mk%2Fkolumni%2Fkako-prezhiveav-vo-arachinovo&referer=http%3A%2F%2Fwww.mkd.mk%2Fkolumni%2Fmirisot-na-smrtta-2&cb=964ac0806d
Како го преживеав пеколот во Арачиново

Целта на овој текст не е да шири омраза. Напротив, треба да ви ги приближам ужасите на војната за никогаш повеќе да не ни се повторат.

ПОДРУМОТ
Лежеше мртов. На студениот бетонски под во подрумот на куќата, облечен во некаква црна униформа со црвено-црни амблеми на УЧК, лежеше мртов човек. Лицето му беше бледо и некако помодрено, телото згрчено, очите затворени. Во дланките ги стискаше испреплетените црева што му истекле надвор од расцепениот стомак. До последниот здив се обидувал да ги врати назад во своето тело. Безуспешно. Најверојатно умирал во страшни болки. Нека му е лесна земјата.
На подот, веднаш до него, се наоѓаше автоматска пушка. Некој стар, најверојатно албански калашников, со дрвен кундак. На кундакот имаше изгравирано УЧК. Неколку полициски специјалци од „Тигрите“ и полицајци од ПЕП (посебна единица на полицијата) стоеја околу него и тивко зборуваа. Однадвор се слушаа единечни истрели, рафали од автоматско оружје и по некоја силна експлозија. Арачиново. 23 јуни 2001-та. Топло летно попладне. Некаде по 16 часот.
Пред да влезам во подрумот имав некое чудно чувство дека се близу. Дека се многу близу до нас. Многу поблиску од што очекувавме. Неколку долги и високи полукружни најлонски фолии во бавчата пред нас ни го попречуваа погледот. „Да се тргнеме одовде“, му реков на Зољата (Горан Георгиевски), тогаш началник на „посебните единици на полицијата“, и на Цобе (Слободан Николовски), висок старешина во „Тигрите“. Излеговме од подрумот и внимателно, еден зад друг, на растојание од неколку метри, тргнавме кон соседната куќа во која се наоѓаа армиските специјалци „Волци“. Таму некаде требаше да го најдеме старешината што командуваше со групата „Волци“, кои заедно со нас беа навлезени длабоко во селото.
Сакавме на лице место заедно со него да договориме што понатаму. Веќе стануваше доцна, а нападот се одвиваше бавно. Всушност и не толку бавно, но побавно од планираното. Побавно, но сепак успешно. Веќе ги имавме совладано првите рововски линии и неколкуте утврдувања и продолжувавме да се пробиваме низ селото. Човек по човек, метар по метар, минута по минута, полека ги совладувавме, заземавме и чистевме позициите на УЧК. Со тоа темпо, иако со задоцнување во однос на генералниот план за напад, со минимум жртви, за неколку дена Арачиново требаше да биде под наша контрола.
ДВИЖЕЊЕ
Куќата кон која тргнавме се наоѓаше на околу 30-40 метри оддалеченост од куќата од која излеговме, малку косо наназад во однос на нашата позиција. Тргнавме. Зољата одеше прв, неколку метри зад него одев јас, а неколку метри зад мене одеше Цобе. Полека, еден зад друг, лабаво, но внимателно, се движевме кон позициите на „Волците“. Тука – таму ќе се слушнеше по некоја експлозија, по некој куршум ќе свирнеше околу нас или ќе се забиеше блиску до нас. Се движевме напред без да им придаваме многу значење.
Од денешен аспект слободно можам да кажам дека одевме некако многу лабаво како за место на кое се одвиваше жестока оружена борба, но секојдневното учество во најразлични битки си го направи своето. Бевме отрпнати на пукање и експлозии и некако не им придававме доволно значење на куршумите што одвреме навреме ќе профрчеа покрај нас или на гранатите што паѓаа околу нас.
Зољата полека пристигна до ѕидот на самата куќа. Јас бев неколку метри поназад.
ТРЕСОК
Одеднаш почна. Минофрлачка граната или ракета од рачен ракетен фрлач (РПГ) тресна до мене. Веднаш до мене. Силината на експлозијата ме занесе и ме фрли на земја. Рој куршуми почнаа да се забиваат околу мене. Некои од нив се одбиваа од земјата и со злокобен фијук продолжуваа да летаат понатаму. Лежев на земјата во дворот помеѓу двете куќи. Знаев дека сум на бришан простор. Стрелците што пукаа по мене беа многу блиску. Толку силно се слушаше нивното оружје што мислев дека можам да ги допрам. Веднаш се обидов да се тргнам од местото каде што паднав.
Во моментот кога пробав да исползам, сфатив дека не ја чувствувам десната рака. Уште полошо, имав чувство како да ја немам. Исто како да ја немам. Ужаснат, помислив дека експлозијата ми ја откинала десната рака. За миг пред очи ми излезе сликата од Дејан Копчаревски како лежи и стенка во прашината на школскиот двор во Матејче со раката безмалку скината во пределот на подлактицата, шаката му висеше само на парче месо и малку кожа, а од скинатите артерии шприцаше крв на сите страни.
Панично, со левата рака, почнав да се допирам таму каде што требаше да се наоѓа мојата десна рака. Ми олесна кога ја допрев и сфатив дека е на своето место. Да, раката ми беше тука, но и понатаму не можев да ја помрднам. Ја имав, но исто како да ја немав. Безживотно висеше на моето тело.
Огнот врз местото каде што паднав не престануваше. Неколку припадници на УЧК пукаа по мене обидувајќи се да ме дотепаат. Куршумите и понатаму се забиваа насекаде околу мене. Земја и прашина се креваа од секој удар на проектил. Од малото дрвце во чија близина бев паднат летаа лисја и скршени гранки. Насекаде околу мене владееше хаос. Истовремено слушав како од нашите позиции, од местата на кои беа засолнати „Тигрите“, „Волците“ и „Посебната единица“, почнаа да трештат РПГ, митралези и автоматски пушки. Припадниците на македонските безбедносни сили жестоко возвраќаа на огнот на УЧК.
Настана пеколна битка.
СМРТОНОСЕН ПОГОДОК
Додека моите соборци го штитеа местото на кое паднав, јас немоќно лежев испружен во прашината. Неколку моменти подоцна собрав малку душа, цврсто ја залепив левата рака за земја и со сета сила, нагло го повлеков телото напред. Во истиот момент од устата ми излета силен млаз црвена крв. Крвта ме надразни. Почнав да кашлам. На секое искашлување нова крв во млазеви ми истекуваше низ уста. Тогаш сфатив дека ѓаволот ја однел шегата. Бев свесен дека сум погоден во градниот кош. Погоден со смртоносен погодок.
На сета мака огнот врз мене и понатаму не престануваше. Куршумите продолжуваа да фрчат насекаде околу мене, а одвреме-навреме ќе рокнеше и по некоја граната. Полека, сантиметар по сантиметар, без да паничам, се обидував да се поместам од местото на кое паднав. Морав да се тргнам од бришаниот простор. Но на секое мое напрегање да ползам, крвта во млазеви ми ја полнеше устата. Со сета сила се обидував да ја исплукам надвор. Не успевав целосно. Дел од крвта голтав, дел се враќаше назад во белите дробови. Силно крвавејќи, полека, само со левата рака, се движев напред. Одвреме-навреме запирав со ползењето. Се вртев на десната страна, на десниот колк, и се обидував да ја искашлам и исплукам крвта што ми се собираше во дишникот и устата. Се мачев да вдишам малку воздух. Почнував да се гушам.
Не знам колку време траеше оваа моја агонија, но мене ми се чинеше како вечност. Битката беше толку жестока што „Тигрите“ едноставно не можеа да дојдат до местото на кое паднав за да ме извлечат. Всушност Цобе се обидел да ми пријде, но неколку куршуми завршиле околу него, а еден од нив му ја пробушил униформата, но за среќа не завршил во неговото тело. Јас пак имав чувство дека солидно се движам. Мислев дека сум исползил десетина метри, но подоцна неколку „Тигри“ што можеле да го видат местото на кое паднав ми кажаа дека повеќе изгледало како да претам во место отколку како да се движам. Можеби сум се поместил неколку метри, но клучно за моето преживување е што во ниту еден момент не се предадов и не паднав во несвест. Со целата моја волја и преостаната сила се обидував да се тргнам оттаму. Крвта ритмично, во силни млазеви, продолжуваше да ми истекува низ устата.
ИЗВЛЕКУВАЊЕ
Неколку минути подоцна, со стомачно ползење, залепен за земја, до мене дојде Цобе. Се обидуваше да ме извлече оттаму, но му одеше тешко. Покрај мојата телесна тежина на себе носев панцир со непробојни плочи, борбен елек со резервни магацини за автоматската пушка полни со по 30 куршуми, неколку рачни бомби, радиостаница, пиштол, рамки за пиштолот, чизми, опасач, шлем... Едноставно бев многу тежок и не беше лесно човек да ме влече по земја. Беше тешко да ме помести, а не пак да ме премести. Но Цобе беше силен, упорен и храбар и не се откажуваше од обидот да ме тргне на безбедно место. Запнуваше со сета сила и постепено почна да ме поместува. Како што тој ме поместуваше, така се зголемуваше болката што ја чувствував.
Се плашев од силен бол да не паднам во несвест. Знаев дека ако се онесвестам тоа ќе значи крај за мене. Знаев дека ќе умрам бидејќи крвта ќе ми ги наполни белите дробови. Знаев дека ќе се удавам од сопствената крв. Болката го раскинуваше моето тело, а јас на сета мака се обидував да го предупредам Цобе да не прави нагли движења. Но наместо да излегуваат разбирливи зборови, од мојата уста течеше крв што зборовите ги претвораше во неразбирливо кркорење. А јас знаев само едно. Доколку паднам во несвест, со мене е крај. Ќе умрам. Подоцна докторот ми објасни дека куршумот пробивајќи го градниот кош ми искинал некоја голема артерија на десниот бел дроб, поради што дошло до обилното крвавење.
Со натчовечка упорност, сила и храброст, метар по метар, Цобе успеа да ме извлече од бришаниот простор и ме довлечка во близина на еден ѕид. За цело време пукањето по нас двајцата не престануваше. Но нашите соборци отворајќи прецизен оган врз утврдените позиции на УЧК не им дозволуваа добро да нанишанат во нас. Стигнавме речиси до ѕидот на една куќа кога УЧК повторно отворија силен и прецизен оган врз нас. Цобе мораше да прекине со извлекувањето, се преврте и почна да пука кон нив. Јас веќе бев на крајот на силите. Почнав да тонам. Тонев во длабочините на непознатото. Тонев во темнината. Умирав. Чувствував како го губам животот. Не ја губев свеста, туку го губев животот. Во налетот на смртта животот полека излегуваше од мене. Сам во прашината на дворот на некоја непозната македонска куќа во скопското село Арачиново. Лежев беспомошно и тонев.
Тогаш пред очи ми се појави мојата ќеркичка Каролина, која наредниот ден требаше да го прослави својот втор роденден. Наместо на роденден, најблиските ќе требаше да дојдат на погреб. Полека почна да ме фаќа некоја блага паника. Знаев дека умирам. Бев свесен за тежината на мојата повреда. Во мојот дотогашен живот тренирав неколку боречки вештини и ми се случуваше да добијам и удар од кој сум припаѓал во несвест. Ова беше поинаку. Ова беше далеку од паѓање во несвест.
Умирав и, што е најлошо, бев свесен дека умирам. А не сакав да умрам. Сакав да останам жив. Сакав да живеам. Имав толку многу незавршена работа. Желбата да го допрам моето чедо ме држеше во живот. И нормално, силното и извежбано тело. Присебноста и отсуството на страв. Сето тоа заедно.
ПЕЛЕ И РЕКС
Агонијата во која се наоѓав ја прекинаа „Тигрите“ Пеле и Рекс (Марјан Петковски и Горанчо Веселинов). Од никаде се појавија крај мене. Ме грабнаа во раце и почнаа да трчаат со мене. Беа вџашени. На лицата им се гледаше страв. Не веруваат дека ќе останам жив. Но сепак трчаа како луди.
Мојот живот беше во нивни раце. Во најсуровата смисла на зборот. Ме држеа во седечка положба, како да седам на стол. Едниот од едната страна, другиот од другата страна и трчаа. Проблемот беше тоа што при трчањето правеа многу нагли движења, а на секое нагло движење јас чувствував дека тонам. Умирав од болка. Умирав за воздух. Болката што ја чувствував беше толку силна што не може да се опише со ниту еден збор. Толку многу ме болеше што ни самиот не знам како успевав да останам свесен и присебен. Се обидував да им кажам да бидат внимателни бидејќи секое нагло движење ме буткаше во несвест, но џабе. Ниту ме слушаа, ниту можеа да ме разберат. За да биде злото поголемо, цело време додека трчаа со мене, пукањето по нас не престануваше. УЧК како да беа решени да ме дотепаат по секоја цена. Во еден момент огнот врз нас стана толку жесток што едноставно ме треснаа на газ до еден ѕид и повторно ги снема. Ги слушав како пукаат наоколу како манијаци. Пукаа за да ме заштитат, пукаа за да ме спасат, пукаа, и тоа добро.
Неколку секунди подоцна полека почнав да паѓам на страна, лизгајќи се со грбот по ѕидот на кој бев потпрен. Немав сила да се задржам во седечка позиција. Се лизгав и паѓав кон земјата. Чувството дека умирам повторно почна да ме обзема. Во свеста ми се вртеа само слики од двегодишната ќерка. Воедно се обидував да се сетам на сите тренинзи наменети за преживување во вакви ситуации. Цело време се концентрирав на искашлување на крвта, која ритмично, од утробата ми надоаѓаше во уста. Истовремено се обидував да земам и малку воздух. Умирав знаејќи дека потоа ќе настапи празнина. Ќе настапи едно големо ништо. Повторно се прашував зошто токму денес, зарем да умрам ден пред роденденот на мојата ќерка. Зарем место на роденден, моите најблиски ќе дојдат на погреб? Имаше толку многу крв што не можам да опишам. Целата униформа, панцирот, елекот, панталоните... Сѐ беше натопено со крв.
Изгубив чувство за време. Како што ги снема, така одеднаш Пеле и Рекс се појавија повторно. Повторно ме зедоа во раце и продолжија со трчање. Но веќе стануваше ептен критично. Не можев повеќе да ја издржам болката. Паѓав во несвест. Знаев дека наглите движења ќе ме турнат во несвест и знаев дека несвестицата значеше само едно – смрт. Ни сам не знам како им викнав да ме стават на нозе. Со неверување гледаа во мене, но ме послушаа и ме исправија на моите нозе. Подоцна ми кажуваа дека ни на крај памет не им било дека ќе останам жив. Мислеле дека ќе им умрам во раце, а јас од нив барам да ме стават на нозе за да продолжам да се движам сам.
ХЕРМЕЛИНОТ
Брзо ме исправија на нозе, ме зграпчија цврсто под мишки и продолжија да одат покрај мене. Почнав полека, потоа забрзав, а по некој метар продолжив да трчам. Трчав, кашлав, ја исплукував крвта и пак трчав. Неколку минути подоцна забележав дека кон нас се движи наше оклопно возило хермелин. Набргу потоа хермелинот се приближи до нас. Куријата (Зоран Јанакиев), кој го управуваше хермелинот, се дереше нешто од внатре. Од бучавата, пукањето и експлозиите не се слушаше ништо. Стоев пред вратата на хермелинот и се чудев како да се качам внатре. Хермелинот е висок и не е едноставно да се влезе во него, посебно ако e човек на умирање.
Згазнав на металната скала, а со левата рака силно се фатив за рачката од надворешната страна. Тегнев со сета сила, а Рекс и Пеле ме туркаа од назад. Јас влечам, тие туркаат и некако успеав да седнам на совозачкото место до Куријата.
Кога ме виде во каква состојба се наоѓам, Куријата се извади од памет. Нагазна колку што можеше. Возеше како луд. Јас беспомошно зјапав напред. Бевме сами во возилото. Кога слушнал дека сум ранет, самоиницијативно отрчал до хермелинот, го запалил и тргнал напред меѓу куќите. Ја промашил нашата позиција, се зачукал меѓу учките, тие отвориле оган по него, успеал да сврти, да се врати малку назад и да ме најде. Да не беше Куријата, јас сигурно ќе бев мртов.
Стотина метри понапред, насред пат, стоеше тенк на АРМ и дејствуваше кон позициите на УЧК. Со голема брзина се приближувавме кон него. Со оглед дека хермелинот е прилично големо оклопно возило, а тенкот стоеше на средината на патот, имав чувство дека ќе се зачукаме во него. Благодарение на одличните возачки вештини за оклопни возила Куријата успеа да го провре хермелинот низ иглени уши. Профрчевме покрај тенкот и продолживме кон бензинската пумпа „Давос“ на влезот на Арачиново. Таму нѐ чекаше возило на брза помош. Всушност, возилото не беше брза помош во вистинската смисла на зборот. Нѐ чекаше нашиот, болнички „форд“ на „Тигрите“, со двајца „Тигри“.
Некој однадвор ја отвори вратата на хермелинот. Јас целиот бев во крв. Како што ми течела по борбениот елек, панцирот и панталоните, дел од крвта истекла и на подот на хермелинот. Неколку полицајци со помош на двајца Тигри ме симнаа од хермелинот и ме положија на болнички носилки. Овде веќе беше безбедно и никој не пукаше по нас. Десетина полицајци и резервисти вџашено гледаа во мене додека двајцата „Тигри“ ме преместуваа во болничкиот „форд“.
Генерал Стојанче Ангелов




Description: http://ads.mkd.mk/www/delivery/lg.php?bannerid=2092&campaignid=1281&zoneid=17&source=mkd.mk&loc=http%3A%2F%2Fwww.mkd.mk%2Fkolumni%2Fkako-prezhiveav-vo-arachinovo&referer=http%3A%2F%2Fwww.mkd.mk%2Fkolumni%2Fmirisot-na-smrtta-2&cb=964ac0806d

Нема коментара:

Постави коментар

Не мирисаме веќе на соништа

  Не мирисаме веќе на соништа   Незнам дали знаеше Но јас незнаев,дека Бевме o ставени на ветромината Од судбината Како цветови...